Со дебата ,,Mладите и финансиите “ Македонска берза по четврти пат се приклучи на „ Ring the Bell for Financial Literacy “
четврток, 17 октомври 2024

Македонска берза четврта година по ред се приклучува кон глобалната иницијатива „Да заѕвониме за финансиска писменост“ (Ring the Bell for Financial Literacy) на Светската федерација на берзи (World Federation of Exchanges - WFE), како поддршка на глобалната кампања „Светска недела на инвеститорот“ (World Investor Week - WIW) во организација на Меѓународната организација на Комисиите за хартии од вредност (International Organization of Securities Commissions - IOSCO). 

По овој повод, на 16.10.2024 година се одржа  тркалезна маса на тема „Mладите и финансиите: Дали како општество ја подобруваме финансиската писменост и независност?“. Учесници во дискусијата беа Проф. д-р Ѓорѓи Гоцков, Редовен професор на Економски факултет – Скопје, УКИМ, Проф. д-р Душица Стевчевска-Србиноска – CPA, Вонреден професор на Факултет за деловна економија и организациони науки, УАКС, Проф. д-р Дарко Лазаров, Вонреден професор на Економскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и Проф. д-р Александар Стојков, Редовен професор на Правен факултет „Јустинијан Први“. Модератор на настанот беше Иван Штериев, Главен извршен директор, Македонска берза Скопје.

              

Целта беше да се отвори поширока дебата за важноста од задржување и/или зголемување на атрактивноста на изучување на економијата и на финансиите во нашето општество , но и  да се нагласи  потребата од рано вклучување на младите во светот на финансиските пазари, како предуслов за нивна побрза индивидуална економска независност. Стана збор и за актуелните состојби и трендови во доменот на финансиската едукација кај нас, како и за клучните вештини кои им се неопходни на младите генерации.

Ова беше прв настан од серијата  активности кои Македонска берза  заедно со другите чинители на домашниот пазар на капитал (брокери, банки, инвестициски и пензиски фондови) планира да ги реализира во периодот што следува, најпрво заради мотивирање и подигнување на интересот кај младите за овој  сегмент на финансискиот систем, а потоа и како инвеститори и како професионалци во индустријатата на хартии од вредност.

Видеото од настанот е прикачено на YouTube каналот на Македонска берза и е достапно на следниот линк  : https://youtu.be/JbExa1sMW0M